Очевидци за „Макфакс“ раскажуваа: Детето поминуваше улица на пешачки премин

623

Стотина граѓани излегоа на протести пред Основното училиште „Мирче Ацев“ во скопската населба „Ѓорче Петров“, откако 10-годишно момче вечерва беше прегазено во сообраќајна несреќа.

Очевидци за „Макфакс“ сведочат дека човекот што удрил во момчето, станал од возилото и го одвел детето в болница.

„Колата возеше во спротивна насока за да ги избегне препреките на патот. Детето беше удрено додека ја поминуваше улицата на пешачкиот премин“, раскажуваат очевидците.

Во моментов полицијата врши увид, а улицата „Борис Сарафов“, каде се случи несреќата е затворена за сообраќај.

Жителите на протестот раскажуваат дека подолг период бараат од општината да биде поставена светлосна сигнализација.

Претходно, од МВР за „Макфакс“ соопштија дека до сообраќајната несреќа дошло кога возило од марката „опел астра“ удрило во детето, кое по ударот било пренесено на Ургентниот центар. Засега не е познато во каква здравствена состојба се наоѓа.